АД ЕСМ денеска информира дека не е избрана фирма за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК „Битола“, по огласот објавен на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на 13 декември минатата година.
– Согласно со завршената евалуација, Комисијата за јавни набавки при АД ЕСМ констатирала дека според податоците за техничко-професионална способност содржани во доставените понуди, ниту една од пријавените фирми не ги исполнила целосно побараните услови од повикот. Констатирано е дека наведените критериуми во делот на референците што се однесуваа на исполнување на најмалку една услуга за ископ од минимум 500.000 тони јаглен во последните три години и извршени услуги за ископ на земјени или карпести маси или руда во износ од минимум 3 милиони метри кубни – кумулативно во последните три години, драстично ја ограничиле конкуренцијата, се вели во соопштението.
АД ЕСМ најавува дека во текот на неделава ќе распише нов оглас во согласност со Законот за јавни набавки и во делот на техничко – професионалната способност ќе извршат одредени олеснувања со кои, како што се наведува, би се овозможила поголема конкуренција, односно поголем број на потенцијални економски оператори да достават понуди за конкретниот предмет на набавка.
– Во новообјавениот повик, на сметка на олеснетите критериуми за референци за ископ, ќе се бара поголема техничка опременост на компаниите со цел да се зголеми квалитетот и обемот на услугата, како во делот на ископ на јаглен, така и во делот на ископ на јаловината чиј третман е од исклучително значење за геомеханичката стабилност и функционалност на рудникот. Пролонгирањето на избор на економски оператор преку редовна постапка, во никој случај нема да има влијание на роковите и вредноста од договорот со привремено ангажираниот економски оператор за ископ на јаглен и јаловина, ниту пак АД ЕСМ ќе има потреба од реализација на нова постапка со преговарање. Новиот оглас повторно ќе биде со временски рок за поднесување на понудите од 20 дена, со што целата процедура за избор на договорен економски оператор се очекува да заврши пред исцрпување на вредноста од договорот за привремен ангажман, стои во соопштението од АД ЕСМ.