„Чуда без зборови“ од САД ќе го отвори шестиот „Панфиз“

Од:

Со „Чуда без зборови“ на пантомимичарите Рик Вејмер и Лори Хелд од Тусон, САД, вечер во Македонскиот народен театар ќе биде отворен 6. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“, на кој до 4 октомври ќе бидат изведени уште три претстави со гости од Финска и од Србија.

Пантомимичарот Вејмер кој ќе настапи на отворањето гостуваше на „Панфиз“ и во 2008 година кога ја доби наградата на фестивалот.

Утревечер ќе гостува Адам Дариус, познат пантомимичар и доајен на балетската уметност од Финска кој живее и работи во САД, и заедно со Казимир Колесник ќе ја изведат претставата „Башо – Дух збришан од ветрот“. Се работи за физичка транскрипција на хаику-поезија од хаику-авторот од 17 век Башо.  Дариус и Колесник на 3 октомври на малата сцена на МНТ ќе одржат театарска работилница, а вечерта на фестивалската програма е пантомимата „Нарачан концерт“ на две учеснички од Белград – Милица Гутовиќ и Софија Главичиќ.

Шестиот „Панфиз“ в петок ќе биде затворен со пантомимата „Омнибус плус“ во изведба на членови од Друштвото на глуви и наглуви од Врање. Се работи за спој од две претстави – „Љубов“ и „Омнибус плус“ на кој работел Трајче Георгиев, директорот на „Панфиз“. Изведувачите се лица со оштетен слух, вработени во други дејности, а се ангажирале во  претставата сакајќи да научат пантомима и физички театар.

Фестивалот ќе заврши со доделување на наградата за најдобра претстава, која е парична и спонзорирана од Росен Пацов од Ботевград, Бугарија.

Наместо во март/април, „Панфиз“ годинава се одржува наесен затоа што  организаторот ги чекал резултатите од Годишната програма за поддршка на проекти кои Министерството за култура  ги објави во јануари, зашто според средствата што му се на  располагање ги планирал гостите и претставите. Оваа година поддршката е помала од лани – наспроти 350.000 денари минатата година, за „Панфиз 2013“ Министерството за култура одобрило 200.000 денари.

– Има прекрасни претстави и луѓе што прават магични работи, но чергата е толку. Поради малку финансии, фестивалот трае само четири дена, помалку и од првото издание кога имавме седум дена со по две претстави, рече Георгиев на прес-конференција минатата недела.

Би можело да ве интересира

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање