Одморот заврши, тенисерите со недели се подготвуваа за новата сезона, многумина веќе ја почнаа на турнирите во Бризбејн, Хонг Конг, Оукленд, а објавена е и последната АТП листа за 2024 година.
На тронот е Италијанецот Јаник Синер со 11.830 поени, втор е Германецот Александар Зверев со 7.915 поени, додека Карлос Алкараз е трет во светот со 7.010 поени.
По нив е Тејлор Фриц со 5.100 поени, Русинот Даниил Медведев е петти со 5.030.
Зад него се Каспер Руд со 4.255 бодови, Новак Ѓоковиќ има 3.910 бодови, Андреј Рублев 3.760, Алекс де Минор 3.745, додека Григор Димитров и натаму е десетти со 3.330 бодови.
Синер дефинитивно ја одбележа годината која заминува. Тој е првиот тенисер по големата четворка од 2003 година што ја завршил годината на првото место на АТП листата.
Синер ја заврши 2024 година со осум освоени титули со 66 победи и само шест порази. Покрај титулата во Торино на завршниот Мастерс, тој славеше и на УС Опен и Австралија Опен, мастерсите во Шангај, Синсинати и Мајами, турнирите во Хале и Ротердам. Исто така, најмногу заработил од учеството на турнирите во 2024 година, само од победи и титули дури 18.930.222 евра.
– Се што направија беше неверојатно. Притисокот е тука, но знам што треба за да се подобрам, за да бидам подобар тенисер. Тие беа неверојатно доследни, не една или две сезони, туку најмалку 15. Има многу работи што можеме да ги научиме од нив, но не можеме да се споредиме со нив. Сите сме среќни што ја видовме големата тројка на дело, што лично ги познаваме и што имаме можност да учиме од нив – изјави Синер.