Во пресрет на првиот круг од претседателските избори во Хрватска, кој ќе се одржи во недела на 29 декември, најновото истражување на Кробарометар покажа дека 73 отсто од испитаниците сметаат дека Хрватска не се движи во вистинската насока, 20 отсто веруваат во спротивното, додека седум проценти немаат мислење.
Несомнено, најголемиот проблем на хрватските граѓани е инфлацијата, односно високите цени, веднаш потоа недоволно високите плати, односно лошиот животен стандард на граѓаните.
На трето место се корупцијата и криминалот, кои граѓаните ги перципираат на највисоките нивоа на власта, потоа ниските пензии и лошиот статус на пензионерите, како и лошата состојба на економијата.
Што се однесува до рејтингот на партиите, прва на листата и натаму е ХДЗ на премиерот Андреј Пленковиќ со поддршка од 27,8 отсто, со тоа што ова е трет месец по ред како оваа партија бележи пад, па ова е воедно и најлошиот резултат на владејачката партија во последните години.