Интервју со претседателот на Општинската организација на СДСМ Битола, Васко Ковачевски за sdsm.org.mk
Кои се Вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ?
Ковачевски: Меѓу најважните приоритети во раководењето на Општинската организација во оваа прилика би можел да ги издвојам:
– Заедно до ПОБЕДА! Под ова мото е одржана изборната конференција на Општинската организација на СДСМ Битола, што укажува дека првиот чекор ќе биде зајакнување на единството и заедништвото помеѓу сите наши членови;
– Кадровско и организациско реформирање на капацитетите на Општинската организација. Ова значи дека треба да им се овозможи на сите оние кои сакаат и се спремни да се вклучат во СДСМ, да станат конкретен и нераскинлив дел на нашето програмско делување;
– Да се врати довербата на членството и граѓаните на Битола во СДСМ и нејзините програмски определби преку активно вклучување на сите партиски функционери кои се пример за стручност, компетентност и чесност, докажани во секој облик на општественото живеење;
– Делегитимирање на актуелната власт предводена од ДПМНЕ и Градоначалникот Талески преку континуирана анализа на нивната работа и јавно презентирање на криминалот, корупцијата и непотизмот кој го практицираат во нивното осум годишно владеење. Со ова ќе ги убедиме граѓаните дека истите тие, ниту се чесни ниту се транспарентни;
– Креирање и промовирање на решенија, начини и методи кои обезбедуваат можности за напредок и развој и ќе значат подобар и попристоен живот на граѓаните на општина Битола. Со трибини и јавни презентации да ги потсетиме граѓаните дека нашите програми на изборите во 2011 и 2013 година ќе донесеа подобро сега и подобро утре за сите нас.
Кои ќе бидат Ваши први активности по изборот на претседател на Општинската организација?
Ковачевски: Први активности по изборот за Претседател на Општинската организација ќе бидат следните:
– Избор на членови на ИО и НО на Општинската организација на СДСМ Битола, како и избор на Секретар и Организациски секретар од редовите на Извршниот одбор. Во новото раководство ќе бидат запазени статутарните промени, регионалната застапеност, како и членови одговорни за секторите во партијата;
– Реорганизација и избори на нови раководства на Месните Одбори и Месните Организации, организирање на постојани средби со членовите и граѓаните, зајакната работа на терен со активисти задолжени за кампања;
– Избор на нови раководства во Форумот на жени и Локалниот клуб на млади, зајакнување на раководните структури, изработка и имплементирање на програми за работа на истите;
– Приклучување на квалитетни и докажани кадри со висок морален и интелектуален капацитет за членување и раководење со Комисиите, кои ќе придонесат во квалитетна припрема на идната програма на партијата, како и предлози и сугестии кои пратениците, советниците и членовите на раководството ќе ги презентираат пред нашите сограѓани.
– Реорганизирање во Центарот за комуникации и зголемено медиумско присуство на партиските функционери на локалните и централните медиуми. Во однос на медиумската промоција, покрај издржаноста и фактите, главен акцент во однос на начинот на промовирање, треба да биде ставен на поттикнување, предизвикување на позитивни чувства и симпатија од страна на граѓаните.
Кој проблем според Вас е најгорлив проблем во Вашата општина и како би го решиле?
Ковачевски: Социјалната и економска слика во Битола е повеќе од катастрофална и е крајно алармантна. Сиромаштијата ги потопи над 30% од нашите сограѓани, невработеноста никако да се намали, напротив истата се зголемува. Битола како економски град е на изумирање, малите и средните претпријатија се пред колапс, старата битолска чаршија е на колена, дуќаните масовно се затвораат, дуќанџиите се радуваат ако направат сефте промет, се случува со денови прометот да е нула. ИЗ „Жабени„ и странската инвестиција таму е недоволна и повеќе е искористена за политички популизам отколку за реално решавање на горливата економска ситуација. На инвеститорите им треба сигурна и стабилна држава во која владеат правниот систем и демократијата. Токму затоа, младите не гледаат перспектива во Битола и Република Македонија и масовно се иселуваат надвор од државата.
Проблемот со невработеноста мора да се реши со отворање на нови работни места преку изедначување на условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори. Нашите бизнисмени, доколку ги добијат истите услови кои власта ги нуди на странските, ќе инвестираат во раст и развој на компаниите и ќе отворат нови работни места, со што значително ќе придонесат во намалувањето на невработеноста, посебно кај младите луѓе.
Неопходно е да се изготви и спроведи нова економскo-социјална стратегија на градот Битола, со посебен акцент на развојот на средните, малите и микро претпријатијата. На секое физичко или правно лице кое отпочнува нов бизнис или го проширува постојниот, треба да му се овозможи делумно или целосно ослободување на комуналиите, да му се намалат комуналните и јавните давачки до најниската основа предвидена со законот и слични поволности со цел да ги задржат постојните и да отворат нови работни места, како и да ја подобрат економската слика на градот.
Ревитализација на старата Битолска чаршија, изработка на проект за заживување на старите занаети, зголемување и реализација на туристичката понуда на градот, заедно со изградба на ефикасна продажна мрежа.