Најмалку 15 лица се обратиле кај лекарите по пожарот во белорускиот трговски центар во Витебск, изјави денеска шефот на главниот здравствен оддел на Регионалниот извршен комитет на Витебск, Михаил Вишњевецки.
Тој изјави дека најмалку 12 лица се хоспитализирани, пренесе РИА Новости. Според него, двајца пациенти во моментов се во тешка состојба и се на одделението за интензивна нега на регионалната клиничка болница Витебск.
Медицинските работници ги спроведуваат сите третмани и дијагностички мерки за брзо стабилизирање на состојбата на настраданите, нагласи Вишњевецки.
Министерството за вонредни ситуации претходно денеска соопшти дека спасувачите реагирале на пријава за пожар на првиот кат од белорускиот трговски центар во Витебск. По пристигнувањето, единиците откриле чад во приземјето на трговскиот центар.
Министерството за вонредни ситуации соопшти дека при пожарот во трговскиот центар во Витебск се спасени 10 лица, а уште 215 лица се евакуирани.
За спасување и гаснење пожари ангажирани се 21 техничка единица и 90 вработени во Министерството за вонредни состојби. Се утврдуваат причините и околностите за инцидентот.