Јапонските власти и компанијата ТЕПКО – оператор на нуклеарната централа „Фукушима 1“, ја игнорирале опасноста поврзана со нуклеарната енергија, што создало услови за инцидентот во централата во март 2011 година.
Тоа го покажува конечниот извештај на експертите за хаваријата во Фукушима, изработен по налог на Владата во Токио.
„Главниот проблем доаѓа оттаму што електрокомпаниите, вклучувајќи го и ТЕПКО, и Владата, не ја сфатиле заканата како реална, бидејќи верувале во митот за нуклеарна безбедност, според кој во земјата не може да се случи тежок инцидент“, појаснува десетчлената комисија од независни експерти во извештајот на 450 страници.
Во хаваријата во „Фукушима – 1“ минатата пролет се стопија целосно прачките со нуклеарно гориво во три реактори и голема површина во околината на нуклеарката беше загадена со радиоактивни супстанци. Од зоната беа евакуирани околу 80 илјади лица.