Српскиот вицепремиер Александар Вучиќ најави синоќа можност за замрзнување на вработувањата во јавната администрација и додаде дека за тоа ќе разговара со премиерот на Србија Ивица Дачиќ.
– Подготвен сум во наредните денови да направам договор да ја замрзнеме можноста за вработување во јавната администрација и тоа да го сведеме на 50 во текот на годината, значи на минимум, и тоа да бидат исклучоци, тогаш кога во прашање се најстручни лица, рече Вучиќ.
Тој истакна дека со тоа најпосле ќе прекине партиското вработување и оти зад тоа може полека но сигурно да се тргне кон реформа на јавната администрација.
Вучиќ рече дека тоа нема да се допадне ниту на една партија, па ниту на СНС, но оти мора да се спроведе, бидејќи ќе овозможи да се отворат приватни бизниси и да се создаде здрава економија.
Српскиот вицепремиер истакна и оти е можно одржување предвремени парламентарни избори во земјата, доколку меѓу граѓаните има такво расположение, пренесоа српските медиуми.
„Во Белград со сигурност ќе има вонредни избори“, посочи Вучиќ, кој, меѓутоа, не исклучи и можни предвремени парламентарни избори, доколку јавноста тоа го сака.