Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во Владата на Косово во врска со експлозијата на каналот Ибар – Лепенац изјави дека овој напад имал за цел да предизвика голема штета на косовската инфраструктура, пренесува „Косово онлајн“.
Тој изјави дека настанот можел да има далекусежни последици и дека Косово можело да остане без вода и струја неколку недели, доколку не се преземале навремени мерки.
„Целта беше и загрозување на животот на граѓаните. Не е само вода, туку и струја, не е само струја, туку и греење, туку и комуникација“, рече тој.
Курти додаде дека овој напад е поврзан со нападите на Руската Федерација против Украина.
„Србија ги копира руските методи за да му се закани на Косово и нашиот регион во целина“, рече тој.
Слободата и демократијата кои владеат во Косово се принципи на еднаквост и правда, додаде Курти.
„Граѓаните на Косово, и на север и на југ, треба да им веруваат на безбедносните институции“, рече косовскиот премиер.