Драмата околу освојувачот на „Златната топка“ не престанува. Иако Реал Мадрид беше убеден дека Винисиус ќе ја добие престижната награда, таа заврши во рацете на Родри.
Сепак, претседателот на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез смета дека Бразилецот требало да ја добие таа награда и смета дека крилниот напаѓач е најдобриот играч на светот.
– Горди сме на Винисиус. За нас, за повеќето фудбалски фанови, тој е најдобриот играч во светот. Драг Вини, сакам да знаеш дека навивачите на Реал Мадрид се горди на тебе, поради сето она што си морал многупати да го издржиш. Неправдата го направи играч каков што е сега – изјави Перез.
По оваа изјава Флорентино им се заблагодари на играчите кои си заминаа од Реал Мадрид додека посебен акцент им даде на играчите кои повеќе не играат фудбал.
– Начо е пример за вистинските вредности на Реал Мадрид, тој е пример за децата од младинскиот тим. Ова е негова куќа веќе 23 години. Реал Мадрид беше и секогаш ќе биде негов дом. Ти посакувам се најдобро во новата фаза од животот, исто така и на Хоселу, кој не доведе до финалето – рече првиот човек на Реал Мадрид и на крајот му се заблагодари на Тони Крос.
– Тој е еден од најдобрите во нашата историја, легенда на светскиот фудбал. Неговата почит на 25 мај беше трогателна, незаборавна. Почитуван Тони, Ви благодариме за се што ни дадовте – рече Перез.