Украина денеска го затвори својот парламент од безбедносни причини, еден ден по рускиот напад со нова хиперсонична балистичка ракета врз воен објект во градот Днипро.
– На 22 ноември беше планирана седница на Врховната Рада, на која требаше да има прашања за владата, но тоа беше откажано од причини поврзани со потенцијални безбедносни проблеми – објави украинскиот јавен медиумски сервис Суспилна.
Британскиот весник „Индипендент“ пишува дека од украинските пратеници било побарано да ги отстранат семејствата од делот на Киев каде се наоѓаат владините институции, а следната седница на парламентот не е закажана пред декември.
На социјалните мрежи утрово се појавија информации за неколку експлозии кои одекнаа во Киев.
Украинската агенција ТСН објави дека детонации се регистрирани во регионите Киев, Дњепропетровск и Суми.
Бугарската веб-страница Факти објави дека е прогласена тревога за воздушна опасност во регионите Дњепропетровск, Житомир, Киев, Полтава, Суми и Чернихив.
Најмалку четири експлозии одекнаа во градот Суми.
Киев Индипендент ги пренесува изјавите на локалните власти дека во ноќниот руски напад врз тој град со беспилотни летала Шахид загинале две лица, а 12 се ранети.
На местото на нападот биле испратени спасувачи, а операцијата за извлекување луѓе од урнатините продолжила во текот на утрото.
Воената администрација на регионот Суми не соопшти детали за нападот.