Во рамки на Деновите на модата во Штип вечер ќе се оджат три модни ревии, на кои штипските конфекции ќе ги претстават своите колекции за есен-зима.
Валентина Пешевска-Јованова, сопственик на модната конфекција „ВИБА“, која веќе на јавноста ја претставува својата втора колекција на брендот ВИБА изјави дека идејата за организирање на Денови на модата е одлична и во интерес на развивање на сопствените брендови.
– Во создавањето на еден бренд потребно е многу труд и работа, а пред се да се има финансии. Потребна е финансика поддршка да се направи една колекција, бидејќи доколку добро се прифати ќе има порачки. Иднината е во создавањето на сопствен бренд, иако полесно е да се работи лон-производство, рече
Пешевска-Јованова.
Градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев е задоволен од она што се прикажува на Денови на модата.
– Мислам дека целиот настан е посетен и добро прифатен. На овој начин им помагаме на конфекциите во создавањето на сопствени брендови. Убеден сум дека пополека го враќаме Штип на оние убави времиња кога „Астибо“ организираше преубави и европски ревии, рече Захариев.
Тој информира дека неколку сопственици кои годинава не се дел од манифестацијата, најавиле учество за наредната година. Денови на модата во Штип завршуваат утре, кога и свечено ќе бидат затворени.