Али Ахмети испрати писма, од високите меѓународни лидери бара заштита на Охридскиот договор

Од:

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, испратил писма до претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Во овие писма, како што соопшти ДУИ, Ахмети ја изразува својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во Северна Македонија, кои, како што се посочува, ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава.

– Ахмети истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето на владејачко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и регионот во целина. Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија, стои во соопштението.

За илустрирање на содржината на овие писма, кон соопштението е придружено писмото испратено до премиерот на Албанија, Еди Рама. Во него стои дека вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.

Се посочува на одлуката на Уставниот суд за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции, која се наведува, го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор. Уставниот суд, се посочува понатаму, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор.

Во писмото Ахмети укажува и на, според него, прекршувањето на принципите на Охридскиот договор во однос на формирањето на политичкото мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници по последните избори

– Овие три значајни удари врз темелите на Охридскиот договор претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста, меѓуетничката хармонија и мултиетничката демократија во Северна Македонија. Овие не се само внатрешни политички прашања, туку имаат сериозни импликации за регионот и неговата стабилност. Овие интервенции се закануваат да ги укинат клучните елементи на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година. Во оваа критична фаза, Ве повикувам на заедничка и решителна акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и загарантираните права на Албанците. Вашата посветеност за подигање на меѓународната свест и ангажирање на релевантните институции за оваа уставна и политичка криза е неопходна, стои меѓу другото во писмото на Ахмети до Рама.

Би можело да ве интересира

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Ахмети: Aлбански народ ќе го брани албанскиот јазик што е постигнат со пожртвуваност

Намалена видливост поради магла од 80 до 100 метри на планинските превои Стража, Маврово, Плетвар и Ѓавато

Попов: Со новиот буџет има повеќе пари за повисок младински стандард