Полскиот премиер се сретна со Вучиќ: Европската Унија не е целосна без Србија

Од:

Полскиот премиер Доналд Туск, чија земја ќе го преземе претседавањето со ЕУ од јануари 2025 година, денеска во Белград изјави дека Полска го поддржува европскиот пат на Србија и дека „Европската унија не е целосна без Србија“.

Туск, кој е во дводневна посета на Белград, по разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за време на полското претседавање со ЕУ, еден од неговите приоритети ќе биде „проширување и најтесна можна соработка со Србија“.

Туск изјави дека не го сменил мислењето за Србија во претходните години и дека „истото размислувал“ за нејзиното место во Европа и српско-полското пријателство и кога беше претседател на Европскиот совет и сега кога е на чело на полската влада.

Според српскиот претседател Александар Вучиќ, Туск „донел охрабрувачки пораки“, но сакал да ги слушне и ставовите на Србија и нејзината позиција во однос на Косово. Тој додаде дека „нема да крие“ дека полскиот премиер „би сакал целосно усогласување со европските декларации и во однос на санкциите против Руската Федерација“.

– Се обидов да го објаснам ставот на Србија и да укажам колку хуманитарна и финансиска поддршка и дадовме на Украина и како и на кој начин зборуваме за почитување на Повелбата на ОН и го претставив ставот на Србија, рече Вучиќ.

Досега Србија се приклучуваше на сите декларации и резолуции на ОН за Украина и почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на таа земја изложена на руска инвазија, но упорно одбива да застане на страната на Брисел и во однос на воведувањето меѓународни санкции против Москва, кои ги смета за традиционален пријател.

Српскиот претседател, кој во средата ги угости на вечера Туск и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, рече дека и двајцата му пренеле „многу важни пораки“ за членството на Србија во ЕУ.

Би можело да ве интересира

Фицо: Словачка никогаш нема да ја изневери Србија по прашањето за Косово

Вучиќ: За прв пат во историјата на Србија, двајца министри поднесоа оставки

Вучиќ: Разговорот со Трамп е голема чест и успех за Србија

И Вучиќ се слушна со Трамп: Одличен разговор, најголема поддршка имаше од Србија

Предраг Петровиќ

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Вучиќ: Државата ги презеде сите мерки за да ги казни одговорните