Одлуката на ЕУ за финансирање заеми за Украина со приходи од замрзнати руски средства ќе му наштети на еврото во улогата на светска резервна валута и ќе го забрза формирањето на независна финансиска инфраструктура, предупреди Кирил Логвинов, вршител на должноста постојан претставник на Русија во ЕУ.
Европскиот парламент одобри вонреден заем за Украина од 35 милијарди евра, кој треба да се финансира со средствата од замрзнатите руски средства. Заемот треба да биде дел од пакетот на групата Г7 со вкупна вредност од околу 45 милијарди евра.
„Предлог-законот за воспоставување на таканаречениот „механизам за соработка во кредитирањето на Украина“, усвоен од Европскиот парламент, не е ништо повеќе од незаконски обид да се создаде маска на законитост за кражба на имотот на Руската Федерација“, истакна Логвинов, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
„ЕУ свесно врши економски криминал на глобално ниво“, рече рускиот дипломат.
Со претворање на санкциите во надворешнополитички инструмент, Брисел го предизвикува меѓународниот финансиски систем и му задава удар на еврото како резервна валута, објасни тој.
Околу 70 отсто од вредноста на руските средства се депонирани во белгиската клириншка куќа Еуроклиар, која поседува еквивалент од 190 милијарди евра во хартии од вредност и готовина во сопственост на руската Централна банка.
Од почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари 2022 година до крајот на февруари 2023 година, руските средства создале, според неименуван претставник на ЕУ во март, профит од 5,2 милијарди евра, но ЕК го разјасни правниот статус на парите само оваа година, така што целата сума ќе биде префрлена во Украина по склучувањето на сите трансакции на крајот на војната.
До 2027 година, руските средства замрзнати во ЕУ, рече тој, веројатно ќе генерираат меѓу 15 и 20 милијарди евра профит по оданочувањето, во зависност од движењето на глобалните каматни стапки.