Австриски суд им одреди казни од шест до 12,5 години затвор на седум лица, обвинети дека се дел од бандата „Пинк Пантер“, меѓународна криминална организација што е специјализирана за кражби во златарници и скапи бутици, пренесоа француските медиуми.
Сите осудени се со српско потекло. Тие беа прогласени за виновни дека од февруари 2012 до март 2013 година на особено брутален начин ограбиле четири златарници во Виена и една во Салцбург.
Првообвинетиот е 36-годишен месар, кој со сатар нападнал еден од чуварите на златарниците, покажува снимка од видеокамера што била искористена како доказ.
Осмиот член, за кого се тврди дека е само возач на бандата, доби казна од три години и 8 месеци затвор.
Бандата „Пинк Пантер“ брои 220 членови, од кои повеќето се од поранешните југословенски републики.
Досега тие имаат ограбено златарници од кои однеле плен вреден 250 милиони евра.
Бандата беше крстена со ова име од англиски полицајци по кражбата во Лондон во 2003 година, кога тие сокрија дијамант во кутија за козметичка крема, како што се случува во еден од филмивите со „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс.