Министерот за правда Игор Филков во отчетот за сто дена Влада соопшти дека се поставени темелите за реформи во судскиот систем кои, рече, треба да бидат длабоки, суштински и влијателни со оглед на тоа што судството е областа каде државата имаше најмногу критики и поради коментарите за зголемена корупција во правосудните институции.
-Затоа и со право се големи очекувањата на граѓаните и факт е дека за правото и правдата нѐ очекува многу работа. Патот не е лесен, но решени сме да одиме, во изминатите сто дена ги поставивме темелите, истакна Филков на прес-конференција.
Не издвои клучни приоритети затоа што, рече, тие се повеќе и подеднакво важни и по сите нив ќе се постапува промптно. Најави иницирање широки консултативни дебати за измени на закони во сферата на нотаријатот, извршувањето, медијацијата… а особено за законите за Судскиот совет и за Јавното обвинителство за да се дојде до решенија кои, рече, ќе гарантираат независност на овие институции и тие да бидат ослободени од политичко мешање и да бидат во служба на правдата.
Филков најави законски измени и за возрасната граница за пензионирање на судиите и јавните обвинители со предлог за заминување во пензија на 67 години за сите, со оглед на постојаното намалување на нивниот број што се одразува на решавањето на предметите.
За недостигот на затворската полиција, пак, што го нарече „горлив проблем“ во сите затвори, соопшти дека се размислува да бидат преземени лица од АРМ кои треба да заминат во пензија.
Осврнувајќи се на преземеното во минатите сто дена, министерот меѓу другото посочи на поништената одлука на десеткратното зголемување на нотарските тарифи донесена од минатата Влада, изработен нов закон за судска служба, донесени измени на Законот за бесплатна правна помош, почната кодифицкација на граѓанско законодавство и јавни расправи за Граѓанскиот законик за да се подобри концептот чија цел е поголема правна сигурност на граѓаните, имплементација на системот за аудио и видео снимање на судските рочишта „Фемида“ што ќе овозможи транспарентност во сите судови, на што се чекало 14 години…
-Ова е само почеток. Реформите што ги презедовме во овие први сто дена ја поставија основата за подлабоки, повлијателни промени што допрва доаѓаат. Нашата визија за иднината на правдата во Северна Македонија е онаа каде што судството е целосно независно, ослободено од политичко влијание и одговорно на луѓето на коишто им служи. Секој граѓанин, без разлика на неговиот статус, имотна состојба и друго, има еднаков пристап на правно застапување и правично судење. Секој граѓанин да се увери дека корупцијата во правниот систем ќе биде целосно искоренета, а оние кои се обидуваат да го поткопаат владеењето на правото, да бидат повикани на одговорност, истакна Филков во отчетот.
Нагласи и дека во изминатите три и пол месеци имал многу состаноци со странски претставници и дека никогаш не биле посилни врските со меѓународни партнери за поддршка на потребните реформи во судството.