Јаневска: Зголемување на платите за пет отсто ќе добијат и другите кадри во образовниот систем

Од:

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска, посочи дека освен наставниците и професорите, покачување од пет проценти ќе добие и другиот кадар во образовниот систем.

Во изјава за МИА, Јаневска вели дека постигнатата спогодба за покачување е оптимална и е направена врз основа на можностите на Буџетот, бидејќи, како што рече, претходната власт го оставила Буџетот во крајно незавидна состојба.

– И другиот кадар во образовниот систем ќе добие зголемување од пет проценти. Постигнавме спогодба, која всушност Буџетот во овој момент ја овозможува, тоа беше оптимална спогодба, затоа што повеќе пати кажавме дека Буџетот кој ни го остави претходната власт беше во крајно незавидна состојба. Искрено се надевам дека наставниците и останатиот персонал во училиштето ќе биде задоволен од заложбите кои ги направивме, затоа што тоа беа сериозни напори, рече Јаневска.

Она што е важно, додаде, е дека со договорот се обезбедува континуиран раст на платите на наставниците и останатиот персонал, а истиот ќе биде дел од Колективниот договор кој треба да се потпише во февруари.

– Во овој наш договор, всушност, зборуваме за повеќегодишен договор во кој се обезбедува континуирано покачување на платите на наставниците и останатиот персонал, кое е во времетраење од четири години, и ќе биде дел од Колективниот договор, кој ќе го потпишеме во февруари. Останува уште да се заблагодарам на премиерот и на министерката за финансии, кои направија сериозни напори за да можеме ова да го оствариме. На наставниците им пожелувам со здравје да си ги трошат средствата кои ќе ги добијат со октомвриската плата, рече министерката.

Премиерот Христијан Мицкоски, вчера, по средбата со претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, посочи дека платите на наставниците и професорите со октомвриската плата се зголемуваат за пет проценти, додека до крајот на мандатот ќе пораснат за минимум 46 проценти. Рече дека е постигнат „историски договор“, којшто е во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците и професорите и најави ново покачување од 7 проценти во март 2025 година.

Во зависност од состојбата на Буџетот, тој нагласи дека во 2026 и 2027 година платите на наставниците и професорите ќе се зголемат за 7,5 до 10 проценти, додека во 2028 година за 10 до 12,5 проценти.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Наместо 12% наставниците добиваат само 5% зголемување на платите

Наставниците и професорите ќе добиваат плати повисоки за пет проценти, зголемување ќе имаат секоја година

Катерина Ѓуровски

​​​​​Левица: Министерката Јаневска нема решение за превозот на студентите

Повисоки плати за наставниците сепак оваа година, Јаневска вели се појавила реална можност

Јаневскa: Обезбедивме учебници за сите и материјали за предмети за кои воопшто немаше никакво помагало

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците