Функционалноста, естетиката и одржливоста се одраз на современата архитектура. Архитектурата е гранка која постојано еволуира, секогаш водена од три основни барања. Со цел да се зголеми удобноста на живеењето и грижата за планетата, во последно време архитектите посветуваат посебно внимание на одржливоста и имплементацијата на висока технологија при изработка на градежните проекти. Во продолжение акцент ставаме на четири актуелни трендови во архитектурата.
Следењето на најновите трендови, поместувањето на границите, одговарањето што е можно најдобро на предизвиците од економска и еколошка природа, развивањето и примената на најновите технологии со зачувување на квалитетот, се нешто кон што се стреми секоја гранка на економијата, вклучително и градежништвото. Архитектите се водат од нив кога креираат планови и проекти. Иако задачата на архитектот е да ги усвои вашите желби и барања и да ги стави на хартија, тој треба да ги предложи најдобрите функционални и естетски решенија и да ве запознае со најновите трендови во градежништвото.
Кога градите семејна куќа, можете да се одлучите за стандардни, типски проекти или поединечни проекти, по ваша желба. Стандардните проекти се поевтини, но ви даваат помала слобода, а бараат од вас да направите големи компромиси. Индивидуалните проекти даваат поголема слобода при планирањето, што е особено важно со оглед на тоа што куќата обично се гради само еднаш во животот. Обично, архитект, за индивидуален проект наплаќа помеѓу 2-5% од вкупната вредност на инвестицијата.
Погледнете некои од најновите трендови во архитектурата што можете да ги примените кога градите семеен дом.
Зелен концепт во архитектурата
Зелената градба не е само принцип во архитектурата, таа е концепт кој ја става еколошката одржливост во центарот на вниманието и се грижи за зачувување на ресурсите, намалување на градежен отпад, притоа ставајќи акцент на обновливите извори на енергија. Се повеќе се става акцент на енергетска ефикасност, а тоа е една од главните примеси без разлика дали се работи за изградба на семејна куќа или голема станбена или деловна зграда.
Задачата на архитектите веќе не е само да создаваат функционални, естетски убави згради, туку да го минимизираат нивното влијание врз природата. Ова се постигнува на неколку начини, а еден од нив е пасивен дизајн.
Пасивниот дизајн ја намалува потрошувачката на енергија потребна за греење, ладење и вентилација. Пасивниот дизајн вклучува неколку работи: димензии и положба на стаклените површини, ориентација на објекти, засенчување, зеленило. Со правилна ориентација на куќата, максимално може да се искористи „бесплатната“ енергија на сонцето во текот на зимата, односно да се обезбеди сенка во текот на летото. Најмала количина на сончева енергија доаѓа од северната страна, додека прозорците свртени кон југ се добар начин да се искористи сончевата топлина во текот на зимата. Со помош на дрвјата во текот на летото може да се намали температурата за 8 степени, а со тоа да се намалат трошоците за климатизација. Количината на природна светлина ќе зависи од димензиите и распоредот на прозорците.
Употреба на природни материјали во градежништвото
Еден од најпопуларните природни материјали низ историјата е дрвото. Тоа сè уште е застапено, но архитектите се свртуваат и кон одржливи алтернативи како бамбус, плута, овча волна за изолација, глина и слама…
Сè почесто се користат рециклирани материјали како метал, обработено дрво од урнати згради и стара столарија. Суштината е повторна употреба или рециклирање на градежни материјали и употреба на материјали кои можат да се користат повторно и повторно. Рециклирањето создава материјали за нови производи и ја намалува експлоатацијата на суровините.
Паметни технологии во архитектурата
Воведувањето на паметни технологии во домовите овозможи да се управува со различни процеси од далечина, со што се подобрува функционалноста. Веќе не се паметни само мобилните телефони и компјутерите, сега се „паметни“ и видео надзорот, светлата, ѕвончињата во куќата, термостатите за температура.
На пример, денес можете да го вклучите греењето дома, од вашето работно место, пред да се вратите дома, за да можете да уживате во топол дом. Со помош на мобилна апликација сега може да ја отворите гаражната врата, автоматски да се залеваат растенијата и тревниците, кога сте на одмор.
Системот за паметен дом овозможува далечинско управување со осветлувањето, вклучување и исклучување на уреди преку сензори во одредено време, поставување на алармниот систем. Паметните инсталации се управуваат едноставно и брзо.
Акцент на кујната и бањата
Кујните веќе не се само места каде се подготвуваат оброци, тие се многу повеќе – места каде се дружиме и поминуваме време со нашите најблиски. Затоа, тие денес се поголеми и поелегантни. Тие често имаат два острови наместо еден, што го зголемува работниот простор и создава повеќе места за складирање на нештата.
Бањите повеќе не се најмалите соби во домот како порано. Денес тие се направени на таков начин што на своите корисници им даваат чувство дека се во СПА центар.
Од енергетски ефикасни пристапи и паметни технологии до употреба на природни материјали, секој од овие трендови има бројни предности со кои добар архитект треба да ве запознае.