Израелската армија потврди: Убиен е лидерот на Хезболах

Од:

Израелската армија соопшти дека лидерот на Хезболах Хасан Насрала е убиен во вчерашниот напад на Бејрут, пренесува Ројтерс.

Вчерашните израелски воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут беа насочени кон командниот центар на Хезболах.

32 години Насрала беше водач на милитантна група поддржана од Иран.

Речиси две децении, Хасан Насрала, генералниот секретар на Хезболах, успешно избегнуваше јавни настапи поради страв дека ќе биде цел на атентат.

Хезболах, кој доминира на политичката сцена во поделениот Либан, денес има и армија опремена со балистички ракети кои претставуваат закана за Тел Авив. Оваа група поддржана од Иран го прошири своето влијание надвор од Либан, играјќи клучна улога во спасувањето на сирискиот режим на Башар ал-Асад за време на сириската граѓанска војна. Насралах, исто така, ги зајакна врските со групи како Хамас во Палестина и милициите во Ирак и Јемен.

Насрала беше познат низ арапскиот свет по прекарот Абу Хади, именуван по неговиот најстар син Хади, кој загина борејќи се против Израел во 1997 година, на 18-годишна возраст. Иако приватните детали од неговиот живот остануваат главно непознати, Насрала живеел скромно и ретко се појавувал во јавноста. Од војната со Израел во 2006 година, тој избегнува да користи телефон и секаква комуникација надвор од неговиот близок круг.

Хезболах доби широко распространето признание по таа војна, која започна откако групата зароби двајца израелски војници. Иако конфликтот траеше 34 дена, двете страни прогласија победа, а Насрала и Хезболах станаа херои на арапскиот свет. Оттогаш, Насралах ја зголеми улогата на Хезболах во регионалните конфликти, а неговата реторика за ослободување на Ерусалим и непризнавање на Израел како држава сè уште одекнува во многу арапски земји.

Роден во 1960 година во Бејрут, Насрала пораснал во сиромашно соседство на христијански Ерменци, Друзи, Палестинци и Шиити. Неговиот татко поседувал мала продавница за зеленчук, а Насрала накратко студирал во иранскиот свет град Ком. Исламската револуција во Иран од 1979 година остави голем впечаток кај него, станувајќи модел за ослободување на шиитското население од маргинализацијата во муслиманскиот свет.

Насралах успеа да преживее многу обиди за атентат благодарение на исклучително строгите безбедносни мерки. Оваа претпазливост е оправдана, со оглед на судбината на неговиот претходник, кој беше убиен од израелска ракета. Насрала го водеше Хезболах од сенка до неговата смрт, а неговите ретки интервјуа и јавни обраќања беа внимателно контролирани.

Додека беснее војната во Газа, Хезболах и Израел разменија артилериски оган, но Насрала не го искористи целосниот потенцијал на воениот арсенал на Хезболах. Либанците, исцрпени од економската криза и хаосот во земјата, не сакаат нова војна. Сепак, во неговото последно телевизиско обраќање во септември, Насрала нагласи дека ќе има одмазда за израелските напади врз неговите борци, но остана нејасен за времето и начинот на тој одговор.

Би можело да ве интересира

Израел и Хезболах продолжуваат да се борат и покрај преговорите

Хезболах: Од САД пристигна предлог за прекин на огнот, продолжувањето на преговорите зависи од Израел

Кац: Израел инсистира на правото да дејствува воено против Хезболах во секој договор

Портпаролот на Хезболах Мохамед Афиф е убиен во израелски напад врз центарот на Бејрут

Израел и Хезболах се на чекор од постигнување на договор за мир

Хезболах објави дека извршил напади со беспилотни летала врз две воени цели во Израел