Дозволете ми во својство на Претседател на Националниот совет за развој да ја отворам втората седница на Советот. Овој совет е одлична платформа да се учествува во визијата и во реализација на она што претставува стратешка цел на државата и за тоа е потребно да се создаде патоказ и визија за чекорите во периодот 2024 – 2044 година. Сериозните држави создаваат документи кои се плод на заедништво, меѓусебна солидарност и вклучување на сите засегнати страни во тој процес. Оваа стратегија не е само на Владата, туку таа треба да биде заеднички документ, точка на поврзување на сите одлучувачки фактори кои сакаат да се вградат во создавањето на иднината важна за сите граѓани, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Притоа тој рече:
„И тука треба активно да се вклучи и власта и опозицијата, и кога е во прашање напредокот на државата треба да се премостат и надраснат сите наши бариери и меѓусебни разлики во корист на заедничката иднина за оваа и за сите наредни генерации. Мене ми е жал што одредени поединци од опозицијата ја пропуштаат оваа шанса и не можат да ги надраснуваат заедничките разлики, но тоа е нивниот начин на гледање на работите кој е спротивен со нашиот каде подаваме рака за заедништво за прашањата кои се подеднакво важни за сите.
Но, воедно оваа стратегија треба да даде одговор на многу суштински прашања во наредните неколку декади. И пред се овие прашања се последица на нашето минато и искуство со проблемите со кои како држава сме се соочиле, но и проблемите кои денес се акутно присутни. Мораме да бидеме објективи и да кажеме дека постои огромно разочарување од постапките и колективните политики изминатите повеќе од 30 години. Системот е деградиран и премногу пати во минатото злоупотребуван, додека администрацијата во државните институции демотивирана и силно деградирана преку лоши примери кои се прикажуваа како колективна приказна во која паѓа духот и заедничкиот мотив на нацијата.
Но она на што мораме да посветиме внимание и што претставува еден од најсериозните проблеми е корупцијата и борбата против криминалот. Предолго државата е соочена со распространета корупција која не е санкционирана, и на некој начин системот создава култура на корумпираност. Наследивме институции каде е нормално да се нудат суми во четири очи, мито, и да се корумпираат службениците или барем да се направи обид за корупција на службениците. И изненадени се кога ќе ги одбиете, кога ќе ги пријавите, кога ќе дојдат луѓе на позиции кои се некорумпирани. Ваквите неславни наследства од минатото се реликвија на една тажна реалност која мораме да ја промениме.
И воедно мораме да воспоставивме мерит систем каде точката за единствениот критериум по кој ќе се напредува се способностите, стекнато знаење и квалитетот на визијата кој се нуди. Мора оние кои учеле, вложиле труд и стекнале знаење да ја имаат својата шанса. За сето ова што до сега го зборев, да имаме држава без корупција, држава со систем кој функционира, држава со изграден мерит систем треба да постојат механизми и цели кои мораме да ги искреираме и воспоставиме и да се дел од оваа стратегија.
Квалитетното образование е клучот на напредокот. Мора да се постават цели кои ќе бидат храбри, но и кои што ќе се реализираат. А најважната тема на која мораме да посветиме внимание е економијата и економскиот развој. А тоа зависи од сите нас. Индустријата, повеќето пари е клучот за благосостојбата на сите. Повеќе пари за подобар живот и напредно општество. И за тоа се потребни годишни растови на БДП кои ќе дадат драматични скокови во стандардите во повеќе полиња.
Нашата визија за иднината вклучува и силен ангажман на сите за економски раст и развој кој ќе обезбеди подобар животен стандард буквално за сите граѓани. Имаме потенцијал да станеме економски лидер во регионот, со модерна инфраструктура, со конкурентна економија и со иновации кои ќе ги поддржат младите и претприемачите. Ние ќе продолжиме со реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата и ќе овозможат нови инвестиции и работни места.
Со заеднички напори ќе создадеме услови каде што младите гледаат иднина, каде што ќе можат да ги остварат своите соништа и сакаат да останат и да придонесуваат за општеството. Треба помалку да се внимава да не се падне во замките на етничките теми и конфликти кои се само параванот на лукративните интереси на поединците кои градат кариери врз овие прашања, додека за жал народот се дели. Економијата и економските дострели мора да бидат заедничко достигнување кое мора да се оствари. Целта на оваа влада и на секоја наредна е и мора да биде членство во Европската Унија, не само поради тоа што како држава природно припаѓа таму, туку и затоа што нам ни се тие критериуми потребни за да имаме и подобар стандард и подобар живот.
Исто така факт е дека предолго чекаме пред портите на ЕУ и се чувствува оправдано резигнирање и разочараност на граѓаните. Не може колективната цел да страда поради поединечни интереси и субјективни критериуми. Затоа наша цел овој период мора да биде и да остане членството во Европската Унија. Како Влада посветуваме внимание на човечкото знаење и даваме шанса за младите, и така ќе продолжиме. Како Влада мора да го мобилизираме буквално секој аспект од човечкото знаење и потенцијал и да го градиме нашето општество врз основа на заедништво, солидарност и визии. Ви зборувам за големи растови, квалитетно образование и иновации кои ја менуваат реалноста. И тоа можеме да го постигнеме. Овој процес не е едноставен и потребна ни е и добредојдена поддршката од сите релевантни чинители.
Благодарност за поддршката до УНДП во координација со сите агенции на Обединетите Нации, Амбасадата на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Словачка кои го поддржуваат овој процес. Благодарност и на сте вие кои учествувавте на денешниот состанок и овој процес ќе продолжиме да го градиме заедно и низ заедништво“.