Петкатна станбена зграда се урна денеска во индискиот финансиски центар Мумбај, оставајќи под урнатините околу 70 лица, соопштија спасувачките екипи.
Според локалните медиуми, досега е пронајдено телото на само едно загинато лице, а спасувачките тимови под од урнатинит на зградата успеале да извлечат седуммина преживеани.
Зградата се урнала рано утринава „непосредно пред разденување“.
Претставник на градската управа на Мумбај соопшти дека во зградата живееле вработени во локалната самоуправа и членови на нивните семејства, кон кои било апелирано да се иселат од зградата пред повеќе месеци.
– Зградата е стара 30-тина години. Побаравме од нејзините станари да се иселат од неа уште во април, но тие досега не го сторија тоа, изјави претставникот на локалните власти, без да прецизира зошто било побарано од станарите да се иселат од зградата.
Ова е втор ваков случај во Мумбај годинава. Во јуни се урна трикатна зграда, при што загинаа десет лица.
Уривањето на загради во Индија е честа појава, бидејќи поради големата побарувачка на станови во индиски градови, кои забрзнао се развиваат, но и поради раширената корупција градежните фирми честопати користат неквалитетни материјали или градат повеќе катови од одобреното.