Под мотото „Туризам и вода – да ја заштитиме нашата заедничка иднина“ денеска се одбележува Светскиот ден на туризмот.
Во Македонија на иницијатива на Скопје 3Д и Туристичката комора на Македонија ќе биде одржана средба на туристички работници на тема добра приказна – добра туристичка дестинација, а повод е рангирањето на напуштената црква во Мавровоското Езеро на листата на најубави напуштени цркви во светот, од страна на американскиот интернет магазин „Huffington Post“.
Во прилогот насловен „Напуштените цркви се неверојатно убави“ има и фотографии од напуштени цркви во САД, Белгија, Камбоџа, Франција и Ирска.
– Вообичаено црквите се место каде верниците го наоѓаат својот душевен мир и служат за тивко размислување. Овие свети места се напуштени, а нивната внатрешност е тивка и празна. Сепак тие имаат зачудувачка убавина која може да се види на фотографиите, стои во коментарот на „Huffington Post“ за фотографиите со напуштени цркви.
На сајтот можат да се видат и фотографии од 50 најнеобични цркви во светот.
За Светскиот ден на туризам е избран 27 септември како датум кога во 1970 година е усвоен статутот на Светската туристичка организација, а датумот е избран врз основа на тоа што во ова време главната туристичка сезона завршува на северната, а почнува на јужната полутопка.
Овој ден обрнува внимание на главните теми содржани во Милениумските цели на ОН и укажува на кој начин секторот туризам придонесува кон нивното остварување.