Поранешниот потпретседател на САД, републиканецот Дик Чејни изјави дека на претседателските избори во ноември ќе гласа за демократската претседателска кандидатка Камала Харис, а не за републиканецот Доналд Трамп.
Дик Чејни беше потпретседател под републиканскиот претседател Џорџ В. Буш од 2001 до 2009 година. Групите за човекови права го критикуваа за неговата голема улога во планирањето на војните во Авганистан и Ирак, во кои имаше многу цивилни жртви и кршење на човековите права, објави Ројтерс.
Дик Чејни рече дека „во 248-годишната историја на САД, никогаш немало поединец кој бил поголема закана од Доналд Трамп“.
„Како граѓани, секој од нас има должност да ја стави земјата над партизираноста за да го брани нашиот Устав. Затоа ќе го дадам својот глас за потпретседателката Камала Харис“, додаде тој.