Најмалку тројца цивили загинаа, а 23 се ранети во Лавов во руски напад извршен со хиперсонична ракета, соопштија гувернерот на Лавовската област, Максим Козицки и градоначалникот Андриј Садовји. Во градот, среде воздушната тревога, одекнаа неколку експлозии.
Меѓу ранетите има пет деца, меѓу кои и едно десетгодишно момче. Според градоначалникот, петнаесет лица биле префрлени во локалните болници по нападот.
Неколку згради во близина на главната железничка станица се запалија по нападот. Најмалку две училишта денеска нема да ги отворат вратите, вели градоначалникот. Спасувачките екипи се на местото на нападот.
Украинското воено воздухопловство претходно предупреди на заканата од напади со беспилотни летала и ракети во неколку региони на Украина, вклучително и Лавовската област.
Лавов, кој се наоѓа на приближно 540 километри западно од Киев, останува меѓу честите цели на руските напади со беспилотни летала и ракети. Градот се наоѓа на околу 70 километри источно од полската граница.