Со гламурозна модна ревија на градскиот плоштад во Штип и официјално започна манифестацијата „Денови на модата Штип 2013“.
„Големото отворање на манифестацијата ‘Денови на модата Штип 2013 година’ беше осмислено од страна на Даниел Папаров и Сања Шутевска. Модните студија ‘Црнокрак’ и ‘Макмоделс’ помогнаа при изборот и обуката на младите момчиња и девојки од Штип што вечерва ги преставија моделите на нашите модни брендови“, изјави Вишна Шорова –Ангелова, координатор на овој проект.
Во наредните три дена посетителите ќе можат да ги проследат ревиите на модните брендови Astibo Beas, Albatros, Linea, Bargala, Astibo Basic, Viba, Design S и Glamur, кои ќе се одржат во салонот „Диро“, кој е лоцирани на излезот од градот.
Организаторите се надеваат дека оваа манифестација ќе стане традиција и Штип ќе прерасне во центар на модните случувања во Македонија, како што и, впрочем ,заслужува, бидејќи во моментот во Штип успешно функционираат повеќе од 80 конфекции, од кои дел веќе имаат изградено свои сопствени модни брендови.
За оние што ќе сакаат да ги збогатат своите гардеробери со модни парчиња на познатите штипски брендови, организаторите обезбедија бесплатен автобуски превоз до модните компании, каде што ќе можат да се набават модели од новите колекции есен- зима и тоа по намалени цени.
М.Р.