Руската економија порасна за 4,6 отсто на годишно ниво во првата половина на 2024 година, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин за време на видео-конференција за економски прашања со членовите на владата на земјата.
Според него, економијата на Русија оваа година, како и во 2023 година, продолжува да расте со добро и силно темпо.
„Растот на економијата и платите позитивно се одразуваат на федералниот буџет. Во првите седум месеци од оваа година буџетските приходи се за 36 отсто повисоки од лани“, рече Путин.
Како што се наведува, две третини од овие буџетски приходи се средства кои не се поврзани со продажба на нафта и гас, пренесува РИА Новости.
Прометот во руската малопродажба порасна за 8,8 отсто во истиот период, што укажува дека побарувачката на потрошувачите во Русија е сè уште силна, додаде Путин.
Тој додаде дека стапката на невработеност во Русија се уште е на рекордно ниско ниво, бидејќи во јуни таа изнесуваше 2,4 отсто.