Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот

Од:

Поезијата е начин на живот, начин на постоење, кон што сите треба да се стремиме. Кон слободата, братството и тоа треба да биде цел на сите нас, смета годинашниот добитник на највисокото признание на Струшките вечери на поезијата „Златен венец“ француски поет Жан-Пјер Симеон.

На денешната прес-конференцоија посветена на лауреатот, тој изрази задоволство што е дел од познатата и престижна меѓународна манифестација и се вброи меѓу поетските великани на Струшките вечери на поезијата.

– Навистина ми претставува огромна чест и одговорност затоа што не зборувам само за мојата поезија и за мојот живот, туку зборувам за важноста на поезијата во нашите животи, заедничките животи во општеството, рече Симеон.

Според него, постоењето на Фестивалот, кој е добро познат низ целиот свет е исклучително важно за сите поети во светот

– За една земја е толку важно поезијата да се чествува со ваков настан, истакна лауреатот изразувајќи благодарност до сите оние кои ја оддржуваат моќта на поезијата.

Целта на творештвото на Симеон, изминатите години, како што нагласи, била на сите да им покаже, да им каже дека поезијата мора сите да не заинтересира затоа што таа не се состои само од песни.

– Во овој материјалистички свет во којшто живееме, исклучително тешко е да се одбраниме. Би рекол дека поезијата е начин на отпорност, на доминацијата на моќ и на сите лоши обичаи во светот што се среќаваат денес. Сметам дека поезијата во нашиот свет како никогаш досега, денес е начин на којшто најдобро се манифестираат човечките квалитети. Поезијата е суштинска, насушна потреба денес како никогаш претходно. Начин да се каже не, не се сложуваме. Не се сложуваме со вредностите што ни се натиснуваат и што го уредуваат светот, подвелече Симеон.

Се осврна на неговата книга „Поезијата ќе го спаси светот“, и тоа, како што нагласи, е негово уверување.

– Јас така сметам. Не песните, не поетот. Навистина сме познати, но што значи поезијата, што ни покажува поезијата? Тоа е тоа што ќе го спаси светот. Тоа е начин да се одбие влијанието, доминантното влијание. Поезијата е начин на живот, на постоење во склад со природата, во склад со братството и овие човечки вредности, истакна добитникот на „Златниот венец“.

За него поезијата не е само книжевност и не се состои само од збирки песни и мора сериозно да се сфати како се манифестира. Таа, подвлече, е нешто што ни кажува на сите нас дека имаме право апсолутно целосно да го живееме својот живот.

– Не е само нешто што циркулира кај поетите, туку е многу поважно од тоа. Тоа сум го кажал во Франција, ќе го повторам и тука. Мораме сериозно да ја сфатиме поезијата и како таа се манифестира, што е таа во прв тип. Песните се важни секако затоа што се начин на пренесување на ваквите гледишта. Но, поезијата е начин на живот како што ви кажав и претходно којшто потенцијално се споделува со секој еден човек. И јас сметам дека поезијата ќе биде надеж за сите нас. Тоа значи дека ние не сме во денешниот свет осудени да мораме да трпиме се’ што ни се сервира, посочи Симеон.

Смета дека се губи човештвото и човечките квалитети и оти мора да го браниме човештвото.

Традиционално, во рамките на СВП, во чест на лареатот претходно беше засадено дрвце во Паркот на поезијата и се читаа стихови поезија. Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот