Во рамки на превентивно-едукативниот проект „Безбедни училишта-хармонична средина“, на градските плоштади во Тетово и во Гостивар беше организирана музичка забава и обраќање на учениците од средните училишта.
Носители на проектот се локалните самоуправи, Секторот за внатрешни работи во Тетово и мисијата на ОБСЕ, а манифестацијата ја следеа министрите за внатрешни работи и образование Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски.
Статистиката покажува дека во текот на минатата година, МВР регистрирало повеќе од 150 случаи каде што во насилство директно биле вклучени ученици.
„Кон насилство прибегнуваат само оние што ја изгубиле силата на аргументите. Кај младите има доволно простор за дебата,а тоа е единствениот начин на кој треба да се надминуваат сите ситуации на недоразбирање. Минатата година МВР регистриравме настани каде што во насилство беа инволвирани ученици од школска возраст, најмногу во Скопје, а потоа следуваат Тетово, Битола и Охрид. Овој проект има цел да ја надмине таа проблематика”, рече Јанкулоска во Гостивар.
За учениците што беа присутни на манифестацијата, најважно било да се дружат и поддржуваат, без оглед на разликите што постојат меѓу нив.
Пред влезовите на средните училишта, во текот на целата недела тие во посебна книга ќе пишуваат пораки против насилството.
Г.М.