Во Македонската академија на науките и уметностите денеска беше промовирана третата книга од препеви од Критичкото издание на целокупните изданија на Блаже Конески чиј приредувач е акедемик Милан Ѓурчинов и „Послание“ препев на стихови на руски јазик од Олга Панкина.
Секретарот на Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ Блаже Ристовски на промоцијата истакна дека ова е ден на Блаже Конески, бидејќи тој како личност ја претставува современата македонска историја.
– Конески не е само поет и лингвист. Тој е наследникот на Мисирков, човекот што ја олицетворува современа Македонија. Затоа неговите преводи на македонски јазик и неговите песни преведени на руски јазик претсавува наш однос кон него и неговото дело, рече Ристовски.
Академик Милан Ѓурчинов во својот говор ја нагласи големината на Конески за кој кажа дека тој е истакнат македонски полиглот кој вледеел 16 светски јазици од кои наглолем дел се словенските јазици.
– Конески пред се беше македонист, славист и светски познат толкувач и близок човек на сите словенски народи и нивните дела. Ова важи и за неговата книга која денеска ја промовираме во која најголем дел е посветен токму на словенските народи, рече Ѓурчинов.
Олга Панкина истакна дека со 150 песни, Блаже Конески е најпреведуваниот македонски поет во Русија. Тие преводи го опфаќаат неговото творештво до 1987 година до поетската книга „Послание“.