Четворица полицајци и петмина индиски војници се убиени денеска, во индискиот дел на поделената провинција Кашмир во која мнозинството од населението се муслимани.
За нападот, индиските власти ги обвинуваат исламските милитанти кои извршија напади врз една полициска станица и врз камп на индиската армија. Инцидентите се случија во областите Катуа и Самба, во непосредна близина до границата со Пакистан.
Во пресрелката што се разви по нападите на милитантите, се убиени и двајца од вооружените бунтовници, како и двајца цивили.
Претставник на индиската армија изјави дека борбите во реонот на Самба продолжуваат, откако напаѓачите се заобиколени и без можност за извлекување.
Индискиот премиер Манмохан Синг остро ги осуди денешните инциденти, опишувајќи ги како дел од „серијата вооружени акции на непријателите на мирот“.
Убиството на индиските полицајци и војници доаѓа на само два дена пред договорената средба на премиерот Синг и на пакистанскиот премиер Наваз Шариф, во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН.
Кашмир се соочува со вооружен бунт против индиската управа во провинцијата уште од 1989 година. Индија има испратено десетица илјади полицајци и паравоени сили за да се справат со бунтот.