Хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана, Иван Анушиќ, изјави дека воениот рок, што како обврска се враќа во земјата од 1 јануари следната година, ќе трае два месеци.
-Воениот рок ќе трае два месеци, ќе започне од 1 јануари 2025 година и едноставно ќе продолжиме да правиме се што сме правеле досега во комуникацијата со јавноста.
Ги зголемивме платите на војниците, подофицерите и офицерите, нивните материјални права, не само преку лични примања, туку и преку дневници и се што им следува, изјави Анушиќ за хрватски РТЛ.
Во 2008 година Хрватска привремено ја прекина задолжителната воена служба и оттогаш таа е доброволна.
Меѓутоа, по руската агресија врз Украина и се потешката воено-политичка ситуација, Хрватска почна да размислува за враќање на задолжителниот воен рок.
Во врска со ребалансот на државниот буџет, Анушиќ за РТЛ објасни дека хрватските вооружени сили се опремуваат и модернизираат, се организираат според очекувањата и договореното со сојузниците од НАТО.
-Мислам дека ќе имаме многу подобра, посилна и поквалитетна слика за вооружените сили од досега.
Разговаравме со министерот за финансии и дојдовме до заклучок дека нема простор за штедење во модернизацијата и опремувањето на вооружените сили.
Ова е ставот на Владата и на политиката, бидејќи околностите во кои се наоѓаме, не дозволуваат штедење, заклучи Анушиќ, пренесе загрепски „Јутарњи лист“.