Српскиот поет Душко Новаковиќ почесен член на ДПМ

Од:

Српскиот поет Душко Новаковиќ со одлука на Претседателството на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) денеска  беше прогласен за почесен член на ДПМ.

Со одлуката донесена на 24 септемвр,и оваа година Новаковиќ се вбројува во плејадата на истакнати автори со статус на почесни членови на ДПМ, меѓу кои: Хусто Хорхе Падрон, Јон Милош, Сергеј Главјук, Иван Доровски, Фатос Арапи, Ала Шашкен, Горан Калоѓера, Томаж Шаламун, Петар Караангов, Катерина Фронстенсон, Димитру М. Јон и Марјан Гжешчак.

Поетот Веле Смилевски на денешната свеченост истакна дека за творештвото на новиот почесен член на ДПМ објавен е зборник на трудови: Поезијата на Душко Новаковиќ  и публикацијата: Душко Новаковиќ- Дисова Пролет како и неколку тематски блокови во книжевни списанија.

– Без сомнение е дека изнесеното како образложение за одлуката на ДПМ е доволна илустрација за вредностите на творечкиот опус и за дејноста на книжевниот живот на Душко Новаковиќ, рече Смилевски.

Поетот Новаковиќ се заблагодари на ДПМ и истакна дека овој  прием за него е особено важен бидејќи има посебни чувства што ги негува за Македонија и македонската литература.

– Големите народи даваат со една, а земаат со две раце, а тоа е опасно. Малите народи имаат амбиција да се зближуваат едни кон други, рече Новаковиќ, образложувајќи ја сплотеноста на земјите од поранешна Југославија.

Тој рече дека неговата поезија е со критички однос кон сопствената судбина и судбината на неговиот народ, каде ги вброи Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Неодамна во издание на Издавачката куќа „Везилка“ од Скопје во препев со предговор и редакција на Ристо Лазаров, излезе од печат новиот избор од Новаковиќ на македонски јазик.

Новаковиќ е долгогодишен препејувач и преведувач на македонската литература на српски јазик. Досега превел педесетина македонски поети и автор е на големата Антологија на современата македонска поезија „Сон над Хартија во Црна Гора“.

Душко Новаковиќ е роден 1948 година во Подгорица, а се школувал во Македонија, Црна Гора и Србија. Секретар е на Српското книжевно друштво и член на Српскиот ПЕН центар. Автор е на петнаесетина поетски дела и добитник на највисоките книжевни награди во Србија, меѓу кои: „Милан Ракиќ“, „Бранко Миљковиќ“ и „Васко Попа“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска