Ирачанка загина при експлозија на граната, која паднала во ирачкиот Конзулат во Дамаск, соопшти дипломатски извор, додавајќи дека во инцидентот се ранети уште три лица.
Гранатата паднала во чекалната на Конзулатот. Ниту една од жртвите не работи во дипломатското претставништво, туку станува збор за лица, кои биле присутни во објектот поради административни работи, соопшти изворот.
Конзулатот на Ирак се наоѓа на 100 метри од ирачката Амбасада во Сирија. На истата улица во луксузниот кварт Малки се наоѓа и кинеската Амбасада. Ирак, како и Кина, се противи на секаква странска интервенција во Сирија.
Во неделата граната ја погоди и руската Амбасада во Дамаск, додека Москва го обвинуваше Вашингтон за уцена за да добие одобрение за резолуција на ОН, која би предвидувала казни за нејзиниот сојузник Сирија.