Енергетска безбедност и стабилна испорака на гас преку „Јужен тек“ ќе овозможи Спогодбата за соработка меѓу владите на Македонија и Руската Федерација, чија ратификација денеска ја разгледува Собранието.
– Целта на Договорот е обезбедување еколошки, поекономичен енергенс што ќе го поевтини природниот гас. Тоа ќе биде голем потенцијал за намалување на трошоците за работа на стопанските субјекти и оттука, за зголемување на конкурентноста на македонскто производство, рече заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров според кој, крајниот бенефит ќе го почувствуваат граѓаните.
При склучувањето на Спогодбата, истакна, во целост е запазена правната процедура.
Јани Макрадули од СДСМ оцени дека со ратификувањето на Спогодбата, власта, следните 30 години, влегува во авантура драстично поразлична од европската политика во овој сегмент зашто за ЕУ, рече, приоритет е трансадриатик проектот, а не „Јужен тек“.
– Процесот на гасификација го пратеа многу лажни ветувања и криминални активности, а ратификацијата е спротивна на законите. Со неа, на една компанија ќе и се овозможи да увезува по повластена цена, да добива јавни набавки по приоритет и сама да ја дефинира цената, рече Макрадули.
На ова реагираше заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини, забележувајќи дека дискусијата на Макрадули нема врска со реалноста.
– Не е добро да се потценува вака битен проект од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, подвлече Џеладини.
Став на Марјанчо Николов од СДСМ е дека овој договор е поштетен и од оној за ОКТА.
– Македонија во идниот период ќе биде енергетски заложник од снабдувачот со гас. Ваков несериозен однос кон стратегиско прашање за државата не треба да помине, можеби треба да се распише и референдум, дали е ваквиот договор единствена опција.
Пратениците од СДСМ упатија забелешка до власта и зашто на дискусијата по овој стратегиски проект за Македонија не е присутен ниту еден нејзин претставник.
Македонија го потпиша Договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек на 23. јули годинава. Согласно Спогодбата, Македонија се вклучува со крак, а од каде ќе се гради, дали од Србија или Бугарија, треба да одлучи „Газпром“.
Гасоводот „Јужен тек“ треба да заврши до 2015 година, кога ќе протечат првите количини гас кон Централна и Јужна Европа. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 проценти од вкупните потреби на Европа. Македонија во јули минатата година влезе во проектот „Јужен тек“. Изградбата на гасоводот почна во декември 2012 година.
Собраниската расправа за ратификацијата на Спогодбата, ќе продолжи по паузата побарана од пратеничката група на ДПА.