Многу институции и компании, вклучително и големи банки, медиумски куќи и авиокомпании, известуваат за големи оперативни проблеми поради значителен дефект на ИТ.
Jetstar пријави проблеми на аеродромот во Сиднеј, австралиските супермаркети велат дека касите неработат, а телевизиските мрежи велат дека клучните ИТ графички системи се нефункционални. Скај њуз е во прекин во Британија, а голем број европски авиокомпании и аеродроми исто така пријавија проблеми.
Водечките американски авиокомпании – Јунајтед, Делта и Американ Ерлајнс најавија глобално суспендирање на сите нивни летови.
Нивните авиони кои моментално се во воздух ќе ги завршат летовите, но за сега нема да има нови полетувања, јавува Би-Би-Си.
Еден берлински аеродром утринава пријави доцнење поради „техничка грешка“. Како што јавува Би-Би-Си, сите аеродроми во Шпанија го пријавиле „инцидентот“.
„Работиме на решавање на проблемот што е можно поскоро. Во меѓувреме, сите операции продолжуваат со користење на системот под рачна контрола“, објавија од шпанскиот аеродромски оператор.
Поради истиот проблем, популарниот ТВ канал Скај њуз не емитува програма во Велика Британија, јавува Би-Би-Си.
Извршниот директор на компанијата изјави дека поради технички проблем, Sky News утринава не може да ја емитува програмата во живо.
Во соопштението за печатот, австралиското набљудувачко тело за сајбер безбедност рече дека нема информации што укажуваат на тоа дека станува збор за инцидент со сајбер безбедност.
„Нашите сегашни информации покажуваат дека овој прекин е поврзан со технички проблем со софтверска платформа од трета страна што ја користат погодените компании“, се вели во соопштението.