Денеска се најдовме во ќорсокак бидејќи никој не може да знае од каде ќе дојде премиерот, ниту каква политика ќе води земјата, изјави пред новинарите по пристигнувањето во парламентот лидерката на екстремната десница, Марин Ле Пен.
Ле Пен ги осуди предизборните договори за кои рече дека ја спречиле нејзината партија Национален собир (РН) да дојде на власт, објави ТВ БФМ.
– Тоа е само доцнење – рече таа пред Националното собрание, каде што се враќаа пратениците на РН и посочи дека Националното собрание мора да ја одразува застапеноста на сите Французи.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чиј мандат истекува во 2027 година, распиша парламентарни избори откако неговата партија беше поразена од екстремната десница на минатомесечните избори за ЕУ и рече дека ќе ја расчисти ситуацијата, што не се случи, објави Ројтерс.
– Во најмала рака, ова не е голем успех за Емануел Макрон – се пошегува Ле Пен.
Неочекуваниот исход од предвремените избори во неделата, на кои левичарскиот Нов народен фронт (НФП) освои најмногу гласови, но ниту една група не освои апсолутно мнозинство, ја втурна Франција во неизвесност, без јасен пат до стабилна влада, наведува агенцијата.