Во Куманово на 2-ри октомври (наредната среда) ќе започне 16. Меѓународен фестивал „Денови на комедија“. Годинава ќе се прикажат четиринаесет комедии од Македонија, Србија, Косово и Бугарија.
Фестивалот оваа година ќе го отвори драмскиот театар со претставата „Слоунски патрдии“, втората вечер ќе настапи театарот од Врање „Бора Станковиќ“ со комедијата „Солзите се О.К”. На четврти октомври пред кумановската публика ќе настапи театарот Комедија, со претставата „Лет над Кандидатското гнездо“
Прилепскиот театар „Марко Цепенков“ ќе настапи на петти октомври, со претставата „Три варијации на една тема“, а „Подземна комедија“ на струмичкиот театар ќе се изведе на 6-ти октомври.
Седми октомври е резервиран за косовскиот театар „Додона“ со претставата „Каде…Што?“, додека на 8-ми октомври е предвиден настап на „Што видел собарот“, албанска драма на Куманово.
Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе настапи на 9-ти октомври, со комедијата „Ноќите во бел сатен“, додека на 12-ти октомври е театарот „Фави“ од Белград, Србија, со претставата „Певај брате 2“.
Штипскиот театар „Ацо Шопов” настапува со комедијата „Вистински лаги” на 14-ти октомври, „Тартиф“ на Народниот театар од Битола ќе биде изведена на 15-ми месецов, на 16 октомври е театарот „Јордан Јовков“ од Бугарија, со комедијата „Лалугер”.
Куклениот театар „Иван Радое“ од Бугарија ќе настапи со претставата „Последниот полов атлет“ на 17 октомври, додека фестивалот ќе го затвори домаќинот-кумановскиот театар со комедијата „Нажалената фамилија” на 18 октомври.
Фестивалот „Денови на комедија” се одржува под покровителство на Министертвото за култура.
Елена Георгиевска