Во Штип од утре почнува манифестацијата „Денови на модата“.
Како што соопшти градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев на денешната прес-конференција во рамки на манифестацијата „Денови на модата“ од 26 до 29-ти септември ќе се одржа модни ревии, ноќен шопинг, а општината обезбедува и бесплатен превоз за оние кои ќе ги посетуваат ревиите во објектот на поранешен ДИРО, во близина на факултетите кои се сместени во Кампус 4.
– Имаме извонредна програма, ги поканувам сите штипјани и сите гости кои ќе дојдат од сите краишта на земјава да дојдат на денот на отварањето и да уживаат во убавите модели, убавата облека и да видат нешто убаво. Да го покажиме нашиот град дека е град на модата, да покажиме дека сме спремни да направиме една убава манифестација и да покажеме на македонската јавност дека од оваа година па понатаму секоја година ќе имаме ревии, модни недели, а со што го претставуваме нашето штипско стопанство, кое работи за Македонија и извезува надвор од државата, вели Захариев.
Тој информира дека „Денови на модата“ е со буџет од 600.000 денари, од кои 50 отсто ги обезбедува општината, а останатите 50 проценти ги инвестираат осумте компании кои учествуваат на манифестацијата.
– Лично мислам дека на текстилната индустрија треба да и дадеме шанса, а ние како општина највеќе треба да ја подржиме, бидејќи оваа индустрија ги вработува нашите граѓани. Овој настан е добра прилика да ги претставиме пред македонската јавност, но истовремено да воспоставиме правила, тие да учествуваат со сопствени ревии и надвор од Македонија, вели Захариев.
Според него на штипските текстилни конфекции им треба ваква манифестација за да се потикнат за создавање на сопствени брендови. Во Штип во моментов работат 70 конфекции, а во текот на наредните четири дена во Штип ќе се престават колекциите есен-зима 2013-2014 година на осум конфекции кои имаат сопствени брендови и се препознатливи во земјава, но и во земјите од регионот.