Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 72. седница денеска ја започна расправата по Предлог програмата за одбележување на Предлог-програмата за одбележување јубилеи на значајни настани и истакнати личности во 2013 година. Гласањето за предлогот за избор на членови на Судскиот совет се очекува да биде во попладневниот дел од продолжението на седницата.
Предлог-програмата содржи јубилеи од 22 настана и 41 личност, а два од нив беа предложени на седницата за собраниската Комисија на култура. На предлог на пратеникот Митре Велјановски од СДСМ програмата се дополни со одбележување 70 години од формирањето на Првата македонско-косовско ударна бригада, а на Комисијата беше прифатен и предлогот на Фламуре Демири-Креци од Национална демократска преродба да се одбележат 80 години од раѓањето на албанскиот ликовен уметник Адем Кастрати.
На денешната седница Бехиџудин Шехапи од ДУИ истакна дека овогодишната програма ќе се помни по задоцнувањето на нејзиното донесување. Причината за тоа, како што рече, се одредени констелации во Парламентот, а во прв ред бојкотот на работата на Парламентот од страна на опозицијата.
– Исто така донесувањето на оваа програма ќе се запомни и по контруктивниот ангажман на работната група која беше ангажирана за изнаоѓање решение за еден компромис за понудените датуми, или за јубилејните годишнини или истакнати личности. Ова годишна програма ќе се запомни и по однос на консензусот на сите политички партии и на пратениците, членови на Комисијата за култура и работната група, изјави Шехапи.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина седницата откако пратеникот од ДПА Беким Фазлиу на собраниската говорница ја искина предлог-програмата истакнувајќи дека таа е со истечен рок.
Неговиот партиски колега Беким Ќоку претходно посочи на буџетот кој се одвојува за прослава на датумите кои се од значење за Албанците.
На дневен ред на 72. седница се и предлог на законите за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за меѓусебно извршување на судските одлуки во кривичните предмети, на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за екстрадиција, на Третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција и на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за соработка при изградбата на гасоводот – кракот за испорака на гас во Република Македонија.
Пратениците треба да се изјаснат и за предлог на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски Комбинат АД Прилеп, за предлог на законите за изменување и дополнување на Законот за лизинг, на Законот за јавните набавки, на Законот за авторското право и сродните права, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за управување со отпадот, на Законот за научно – истражувачката дејност и на Законот за странците, сите во прво читање. На дневен ред е и Предлог на закон за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, дополнувањето на Законот за вработување и работа на странци, во прво читање и други закони.
Предвидено е и разгледување на неколку предлог закони по скратена постапка и тоа дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, предлог на закон за правосудниот испит, измените и дополнувањата на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, поднесен од Малиша Станковиќ.
Пратениците треба да ги донесат дополнувањата на Законот за заштита на културното наследство, за изменување и дополнување на Законот за стручно образование, измените на Законот за иновациската дејност, дополнувањата на Законот за просветната инспекција, предлог на закон за националната рамка на квалификации, предлог на закон за матичен број, дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, измените и дополнувањата на Законот за сигурност во железничкиот систем, измените и дополнувањата на Законот за внатрешната пловидба, сите во второ читање и други.
На дневен ред на оваа седница се и дополнетите предлози на закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на законот за медиуми, во второ читање.