Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, алармира за два проблема во областа на земјоделието во кавадаречко. Првиот проблем се однесува на наводнувањето во Кавадаречко поле, а вториот се однесува на субвенциите.
„Пред АД Водостопанство – Тиквеш во Кавадарци, пратеникот Сашко Јанчев истакна дека по однос на наводнувањето, до него стигнуваат поплаки од земјоделци дека системот за наводнување се управува и се стопанисува многу неодговорно и дека постојат две здруженија блиски до СДС и до ДПМНЕ коишто си играат пинг – понг со водата, вадејќи ги само сопствените ниви, а другите се оставени на божја милост и немилост, чекајќи да заврне дожд. Ако во некој случај им се пушти вода, им се пуштаат по две капки и тоа им се смета како да поминале на редот. Исто така, земјоделците велат дека и секојдневно се појавуваат дефекти на водоводниот систем.
Вториот проблем е проблемот со субвенциите. Земјоделците пријавуваат дека во подрачните канцеларии тешко наоѓаат вработени, а кога ќе ги најдат, дека вработените се или цело време на пауза или дека системот е паднат, па се плашат дека ќе ги испуштат роковите за субвенции. Ова е многу алармантна ситуација, затоа што државниот систем е од суштинско и пресудно значење по однос на тоа дали земјоделската сезона ќе биде успешна или не. Несериозниот систем на државните институции си игра со маката на земјоделците. Буквално, ова е играње мајтап со илјадници судбини и со целото производство. Ако се има предвид дека земјоделието е од национален интерес, тогаш овој несериозен пристап е на ниво на велепредавство. Затоа Левица алармира да државните институции и Министерството за земјоделие сериозно се заангажираат за решавање на овој проблем. Во спротивно, ние како политичка партија ќе бидеме приморани да го заостриме притисокот, вели Јанчев.