Хрватската фудбалска репрезентација синоќа и официјално беше елиминирана од Европското првенство, а веќе денеска се вратија во Загреб каде беа пречекани од мал број навивачи.
Селекторот Златко Далиќ и играчите денеска околу 13 часот се вратија во Хрватска. Нивното пристигнување во Загреб се очекуваше околу 11:10 часот, но поради доцнењето на поаѓањето слетаа со два часа задоцнување.
Јосип Станишиќ, Марин Понграчиќ и Лука Сучиќ останаа во Германија, а наместо во Загреб, тргнаа кон Минхен.
Борна Соса и Бруно Петковиќ беа меѓу првите кои излегоа од авионот пред околу 300 навивачи. Тие отидоа меѓу нив и потпишаа автограми.
Лука Модриќ доби најголеми аплаузи и овации. „Лука, Лука, Лука…“ одекна низ аеродромот во Загреб веднаш штом се појави пред навивачите. Тој се упати кон нив, потпиша неколку автограми и трпеливо се фотографираше со нив.
Јошко Гвардиол и Златко Далиќ добија аплауз неколку секунди подоцна, пишува Index.hr.
Да потсетиме, Хрватска пред ремито 1:1 со Италија ремизираше и со Албанија (2:2), а во првото коло на турнирот беше декласирана од Шпанија (3:0) и еврото го заврши со само два освоени бода.
Хрватска доживеа толку болен неуспех што многумина го припишуваат на исцрпеноста на тимот кој беше еден од најстарите на шампионатот на Стариот континент.
Инаку, Хрватска за пласман на ЕП доби 9,25 милиони евра, а со две ремија на ЕП заработи дополнителни милион евра. Вкупно Хрватите инкасирале 10,25 милиони евра.