Хеликоптер Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици на МВР дејствуваше на пожарот во атар на село Цер, општина Кичево. Хеликоптерот исфрли над 25 тона вода и во координација со силите на терен пожарот е ставен под контрола информираше МВР.
Шумскиот пожарот над кичевското село Цер, на месноста „Рамник“ е ставен под контрола и нема повеќе опасност од негово ширење, информираат и од Центарот за управување со кризи.
-Екипите од кичевската подружницата „Лопушник“ на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, кои биле на терен денеска од 05:00 до 13:00 часот информираа дека пожарот е „заобиколен“ и нема повеќе опасност од негово ширење, иако се уште се забележувал чад од теренот каде што се дејствувало, велат од ЦУК.
Оттаму посочуваат дека во текот на денешниот ден од рани утрински часови во гасење на пожарот интервенирале 15-тина лица од село Цер, а исто така било интервенирано од воздух со хеликоптер на МВР.
Во моментов, како што велат од ЦУК, сите лица ангажирани за гасење на пожарот се повлечени од теренот и утре наутро повторно ќе се излезе на терен за да се направи контрола.
Пожарот во атарот на селото Цер гореше неколку дена, првата пријава е на 17 јуни.