Фудбалерите на Словенија и Србија ги поделија бодовите на Фудбалската арена во Минхен во второто коло од групата Ц на Европското првенство играјќи нерешено 1:1.
Првото полувреме од натпреварот во Минхен понуди многу возбудувања, а резултатот можеше да се промени во неколку наврати. Најдобрата прилика за водство Словенците ја имаа во 38. минута, кога Елшник наеднаш се најде во можност да шутира, но ја затресе стативата, а во продолжението од акцијата топката дојде до Шешек, кој шутираше многу слабо.
Четири минути подоцна Влаховиќ промаши гол за Србија. Живковиќ ја уфрли топката од десната страна, Митровиќ убаво затвори, а потоа излезе сам пред Облак, но голманот на Словенија одлично го одбрани неговиот удар.
На самиот почеток на вториот дел Облак му одбрани уште еден удар на Влаховиќ, а по половина час игра се истакна и Рајковиќ по удар од далечина.
Словенците поведоа во 69. минута по контранапад. Елшник ја уфрли топката од левата страна, а на другата статива беше десниот бек на Словенија, Карничник, кој не му беше тешко да ја испрати топката во голот за 1:0.
Србија се обидуваше да израмни до крајот на натпреварот, а во 96. минута успеа со голот на Јовиќ по корнер за конечни 1:1.
По два одиграни натпревари Словенија има два, а Србија еден бод. Во оваа група денеска од 18 часот ќе се одигра дуелот меѓу Англија и Данска. Во третото коло Србија ќе игра против Данска, а Словенија против Англија.