Шпанската фудбалска репрезентација ја декласираше Хрватска со 3:0 во 1. коло од групата Б и потврди дека е еден од најсериозните претенденти во борбата за титулата.
Прашањето на победникот Шпанците го решија во првото полувреме кога постигнаа три брзи гола, а убедливото водство го задржаа до крајот без поголеми проблеми.
На Хрватите не им помогна помошта од 50.000 навивачи од трибините, бидејќи во 29. минута Мората ја избегна офсајд стапицата и го матираше истрчаниот Ливаковиќ за 1:0.
Радоста на Шпанците не стивнуваше, а веќе беше 2:0. Фабијан Руиз мајсторски измами двајца хрватски играчи, шутираше од 16 метри, а топката го поткачи Понграчиќ и заврши во мрежата за 2:0.
Потопот на Хрватска го комплетираше Дани Карвахал во 45. минута кога по центаршутот на Ламин Јамал ја избегна одбраната и од непосредна близина погоди за 3:0.
Инаку, Јамал стана најмладиот играч во историјата на ЕП со 16 години и 338 дена. Тој го сруши рекордот на Полјакот Качпер Козловски, кој имаше 17 години и 246 дена кога играше против Шпанија во 2021 година.
Во вториот дел Хрватска имаше поголем посед на топката, но први се заканија Шпанците. Јамал излезе сам пред Ливаковиќ, кој направи феноменална одбрана.
Од друга страна, Хрватска пропушти колосална шанса.
Во 81. минута беше досуден пенал за Хрватска, но ударот на Петковиќ го одбрани Симон. Топката потоа се одби до Перишиќ кој го ангажираше Петковиќ и не му беше тешко да ја затресе празната мрежа, но голот беше поништен и резултатот остана 3:0.
Во следното коло, Хрватска во четврток ќе игра против Албанија, додека Шпанија за противник ќе ја има Италија.