Европското фудбалско првенство започнува со натпреварот меѓу Германија и Шкотска, а пред три недели беше претставена официјалната песна во изведба на диџеј групата Медуза, OneRepublic и Leony.
Италијанска диџеј група, американски поп-рок бенд и германската поп пејачка ги здружија силите за да ја создадат „химната“ на овогодинешното првенство. Песната се вика „Fire“ и има 1,5 милиони прегледи на YouTube.
Свеченото отворање е на „Алијанц арена“, а вчера во Штутгарт се одржа „концертот за отворање на турнирот“, каде настапи и Leony.
Во декември 2023 година беше објавено дека Медуза, OneRepublic и германската пејачка Ким Петрас беа избрани за официјални изведувачи на шампионската песна, но во март 2024 година беше објавено дека Петрас се повлекла од продукцијата.
Таа беше заменета со Leony, 26-годишна пејачка која во последните години ги освојува топ-листите на најслушани песни во Германија.
И покрај познатите имиња со кои соработуваше, официјалната еврохимна не наиде на позитивни реакции кај слушателите. Имено, под видеото на YouTube има критики, особено поради скриеното рекламирање на одредени производи во видеото.
„Повеќе личи на реклама за Coca Cola, Lidl и Axe“, „Оваа песна од едвај 3 минути има повеќе пласман на производи од филмовите на Марвел“, „Ги обожавам рекламите низ видеото. Ништо не ме мотивира повеќе да го гледам европското првенство од гледањето шише на Axe спреј за тело во музичкото видео“, гласат само дел од коментарите.