Опасна комбинација од екстремни температури, сахарска прашина и висока влажност е забележана во Грција во првиот топлотен бран од почетокот на годината, што го прави јуни најтопол во земјата од 2007 година. Иако за денеска се прогнозираат температури до 40 степени, вчера живата во термометарот во некои делови од земјата надмина 44. Најопасни термални услови имаше во областа на Атина, каде беа измерени температури над 40 степени.
Според податоците на мрежата на автоматски метеоролошки станици meteo.gr и Националната опсерваторија на Атина, највисока максимална температура е забележана во Вуколес во областа Ханија на Крит и изнесувала дури 44,5 степени Целзиусови. Следува градот Кранида, каде што највисоката измерена температура била 43,9°C.
Во вечерните вести на јавниот сервис ЕРТ се приклучија водители од различни делови на Грција и пренесоа неверојатна слика – во 21 часот по локално време плажите ширум земјата се уште беа полни со луѓе кои бараат освежување, пренесува Euronews.
Министерот одговорен за цивилна заштита Василис Кикиљас предупреди на опасност од пожари поради комбинацијата на високи температури и ветер.
– Раниот почеток на топлотните бранови, во комбинација со сувата зима, доведе до многу тешка сезона на пожари – рече тој.
Од тие причини и армијата имаше полни раце работа и постојано ги посетуваше загрозените шумски подрачја, а на некои места и на возачите им беше забрането поминување. Затворени се градинките и основните училишта во административните граници на Атина, кои дури утре ќе почнат со нормална работа.
А Министерството за труд нареди целосна забрана за физичка работа надвор од 12 до 17 часот.
– Во случај на непочитување на овие правила ќе се изрече глоба од 2.000 евра по вработен – предупреди Павлос Маринакис, портпаролот на Владата.
Претходните денови на владините службеници им беше наредено да работат од дома, додека Акропол, најпопуларниот антички локалитет во главниот град, остана затворен од пладне до 17 часот. Во овој период беа затворени и сите други археолошки локалитети во Атина. Крајот на топлотниот бран ќе дојде денеска кога температурите ќе почнат најпрво да опаѓаат во западна, централна и северна Грција, додека во Тракија се очекуваат дожд и невреме придружени со силен ветер.
Температурите се уште ќе се движат од 33 до 35 Целзиусови степени, додека на Пелопонез, Додеканез и на Крит ќе бидат многу високи – до 38 степени. Само во сабота температурата низ земјата ќе се врати во нормала за јуни, а ќе преовладува засилен северно-северозападен ветер.
Голем пожар избувна и во шумска област на Кипар. Четири села во Полеми на североистокот од земјата се евакуирани, а три лица се пренесени во болница.
Претседателот на Кипар, Никос Христодулидес, за време на официјалната посета на Јордан побара помош од оваа земја за гаснење на пожарот во областа Пафос. Кралот Абдула Втори, според неофицијални информации, наредил дополнителни авиони за помош на Кипар. Во гаснењето на пожарот се очекува и пристигнувањето на два авиони од Грција.