Словенечкиот парламент денеска треба да расправа за признавањето на палестинската држава, но нема да гласа поради повикот на опозициската Словенечка демократска партија (СДС) да се одржи консултативен референдум за ова прашање, јавуваат медиумите.
Словенечката влада во четвртокот објави дека се приклучува на малиот број европски земји кои ја признаваат палестинската државност. Премиерот Роберт Голоб тогаш изјави дека неговата влада се согласила со одлуката за признавање на Палестина и ќе ја достави мерката до парламентот на конечно одобрување.
Сепак, словенечката СДС вчера поднесе барање за одржување на консултативен референдум за признавање на Палестина. Според словенечките медиуми, лидерот на СДС Јанез Јанша изјавил дека одлуката на Владата да ја признае Палестина веќе и нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ја поддржува терористичката организација Хамас“.
Референдумот веројатно нема да го запре признавањето на Палестина бидејќи владејачката коалиција има мнозинство во парламентот, но ќе го одложи за најмалку 30 дена, наведува СТА. Со признавањето на палестинската држава Словенија би тргнала по патот на Ирска, Норвешка и Шпанија.
Тие земји минатата недела официјално ја признаа независна Палестина. Шведска го направи тој потег пред десет години. Сите овие потези го зајакнаа палестинското прашање во светот, но го налутија Израел. Израелското Министерство за надворешни работи минатата недела ја осуди одлуката на Словенија да ја признае независната палестинска држава.