Источната команда на Кинеската Народноослободителна армија денеска започна воени вежби во околината на регион Тајван.
Вежбите ќе се изведуваат во Тајванскиот теснец, потоа на север, исток и јужно од островот Тајван, како и во областите во близина на островите Кинмен, Мацу, Вуки и Донџин, пренесува кинеската новинска агенција Ксинхуа.
Портпаролот на армијата Ли Кси рече дека во вежбите учествуваат трупите, морнарицата и воздухопловните сили и дека вежбите се наречени „Заеднички меч – 2024А“ и ќе траат два дена.
Ли додаде дека вежбите служат како „силна казна за сепаратистичките акции на Тајван“, но и како „цврсто предупредување против мешање и провокации од надворешни сили“.
Американскиот генерал-полковник Сивен Скленка оцени дека кинеската армија „продолжува да вежба клучни елементи за потенцијална воена инвазија на Тајван“, наведува Ројтерс.