Кина соопшти дека го забранува извозот за Северна Кореја на секакви материјали и технологии што можат да послужат за производство на нуклеарни, хемиски или биолошки оружја.
Четири кинески министерства денеска објавија список од 236 страници со забранети материјали, меѓу кои фигурираат ракетни системи или составни делови на нуклеарни детонатори.
Оваа мерка претставува „исполнување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН“, кои забрануваат испораки на опрема за Пјонгјанг, се наведува во заедничкото соопштение на четирите министерства.
Кина е единствениот влијателен сојузник на Северна Кореја. Се смета дека само Пекинг може да има влијание врз непредвидливиот режим во Пјонгјанг. Истовремено, Кина честопати е обвинувана дека ја попречува работата на ОН во обид да биде избегнато воведувањето строги казнени мерки кон Северна Кореја.